Арслани: Струшката болница успешно се справува со ковид-пандемијата

Струшката болница успешно се справува со ковид-пандемијата.

Моменталната состојба е стабилна. Од почетокот на годината до сега регистрирани се 79 случаи на заболени од ковид-19. Во 2021 година пак вкупно биле потврдени 708 случаи.

“За разлика од минатата година сега имаме поголема фрекфенција но клиничката слика на болните е далеку полесна. Пандемијата со ковид-19 е јавно здравствен проблем во целиот свет како и кај нас но од аспект на опременост и човечки потенцијал и согласно ингеренциите кои ние ги имаме како Општа болница во овој момент, ставајќи ги на располагање и сите ресурси со кои располагаме, можам да кажам дека успешно функционираме без некои одредени проблеми. За таа цел имаме подготвено распоред и на тој начин соодветно се менаџира кадровскиот потенцијал. Во овој момент имаме и доволен број болнички кревети“, вели директорот на Општа болница Струга, Арменд Арслани.

Ковид пациентите се хоспитализираат во Модуларната болница каде има капацитет од 35 болнички кревети а има и централен довод на кислород. Моментално има 16 пациенти но доколку се наполнат капацитетите подготвен е Одделот на Интерното одделение каде исто така 7-те кревети имаат централен довод на кислород.

„Состојбата будно се следи. Сите ресурси се ставени располагање и моментално ситуацијата е стабилна. Имаме доволно слободни кревети и подготвени сме за било какви сценарија“, вели Арслани.

Во Струшката болница има 7 интернисти и еден инфектолог кој се во првата борбена линија во справувањето со ковид-пандемијата но и целиот медицински персонал е вклучен и веќе две години неуморно работи во интерес на граѓаните.

„Исто така и медицинските сестри имаат искуство во справувањето со оваа состојба како и стручни тимови од други оддели, лекари-специјалисти се обучени за грижа и третман на ковид-пациенти“, додава Арслани.

Во делот од болницата функционира Одделот за хирургија кој искусно и професионално ги извршува итните и неодложни случаи но и сите оние кои имаат потреба од лекување во време на пандемија. Според Арслани со добра организација се справуваат со предизвикот да се извршат сите неопходни услуги и потреби на пациентите.

На Интерното одделение покрај пациентите со интернистички случаи функционира и ковид центарот каде во време на зголемен број се третираат пациентите заболени од ковид-19.

Во време на пандемијата успешно и непречено работи и Одделот за гинекологија. Арслани е задоволен и од кадровскиот потенцијал и од самата опременост на одделот.

Одделот за педијатрија пак успешно се справува по напливот на пациенти изминативе повеќе од два месеци. Таму по недостигот на лекари-педијатри во Охрид се лекуваат болните дечиња и од Охрид но и од целиот регион.

„Функционираме со 6 специјалисти кои професионално и непречено се справуваат и со ковид состојбата оти имавме и заболени деца со ковид. И покрај ограничениот капацитет за да се изолираат овие деца професионално се менаџираше и со Клиниката во Скопје“, вели Арслани.

Во моментов од Струшката болница има 20 специјализанти со кои ќе се надополнува стручниот кадар за да се продолжи нормалното функционирање на болницата.

ЈЗУ Општа болница Струга во време на пандемија доби вредни донации со кои се подобри квалитетот на здравствените услуги.

Во рамките на Грант програмата за мали проекти за човекова безбедност (GGP) струшката болница од Јапонија, доби вредна медицинска апаратура, модерен ултразвучен систем за Гинеколошкото одделение во вредност од над 50 илјади евра.

Според директорот Арслани ваквата помош е од огромно значење за подобрување на квалитетот на здравствените услуги.

„Со овој софистициран модерен ехографски апарат ќе се скрати времето за преглед на над 200.000 пациенти од Југозападниот Регион годишно, но и ќе помага во раното откривање и борба против разни видови болести“, вели Арслани.

Претходно Јавната здравствена установа во Струга доби донација, санитетско амбулантно возило за итна медицинска помош преку Фондацијата за развој на образование и култура-Албиз.

„Со оваа донација дополнително се зајакнуваат капацитетите за транспорт на пациенти и се овозможува побрз и полесен пристап на пациентите до потребните здравствени услуги, особено кога станува збор за пациенти во животозагрозувачка состојба, кога брзата реакција е од витално значење“, вели директорот на болницата.

Според него ваквата донација на возило со посебна специјална опрема, софистициран кревет, кислород и респиратор посебно е значајна бидејќи во време на ковид-пандемијата голем е бројот на пациенти кои имаат потреба од возило со вклучена современа апаратура.

Последните 8 месеци има и капитални инвестиции во болничката зграда. Комплетна опременост доби Лабараторискиот дел каде се подобрија условите и услугите кои ги добиваат граѓаните. Зафати има и на Одделот за педијатрија за подобрување на просторните услови а реновирање е предвидено и на Одделот за анестезија и дел од Одделот на хириргија.

ВИДЕО: 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани