Јавните претпријатија потонати во милионски долгови

Финансиски сметки во “минус“, доспеани а неплатени долгови…
Од вкупниот број на 149 jавни претпријатија во целата држава, 109 се jавни комунални претпријатија формирани на локално и на централно ниво, како и од Град Скопје.

Само Владата е основач на 14 јавни претпријатија и од нив 10 тина се во „минус“ во првата половина од оваа година. Најголеми “загуби“ во период од јануари до јуни прикажале ЈП Национални шуми кои се во минус со 2,7 милиони евра, ЈП МЖ Инфраструктура со 2,1 милион евра и ЈП Стрежево Битола со негативен финансиски резултат од 1,5 милион евра.

Во тешка финансиска кондиција се наоѓаат јавните комунални претпријатија. Од вкупниот број на јавни претпријатија, повеќе од 130 се основани од општините и Градот Скопје, а конкретно само во надлежност на Град Скопје се осум јавни претпријатија. Аларм за состојбата вклучија градоначаниците на дел од општините – со предупредување дека се доведуваат во прашање услугите што ги добиваат граѓаните од комуналните претпријатија. Енергетската криза дополнително ја влоши финансиската состојба со оглед на тоа што голем дел од комуналните претпријатија се наоѓаат на должничка листа – со доспеани а неплатени обврски по различни основи.

Според долговите на новата листа на високо второ место е МЖ Инфраструктура со долг од речиси 26 милиони евра.
На должничката листа се комуналните претпријатија од речиси сите градови, ЈП Чистота – Куманово, ЈСП – Скопје, ЈП Комуналец Струмица, ЈП Комуналец Гостивар, ЈП Водовод Струга, ЈКП Дебар, ЈКП Свети Николе и други.

Врботени во jавните претпријатија
Во сите јавни претпријатија, според податоците од Министерството за информатичко општество, во 2021 година работеле 18.146 вработени, а според податоците од асоцијацијата на комунални претпријатија АДКОМ, само во комуналните претпријатија работат 15.000 луѓе.

Според бројот на вработени предничи Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП кое е под „капа“ на Град Скопје. За финансиската 2021 прикажало загуба од 3,3 милиони евра, а во него лани биле вработени 1.325 луѓе.

Уште едно ЈП основано од Град Скопје е со голем број на вработени – ЈП Комунална хигиена Скопје со 1321, а лани ова ЈП прикажало нето-загуба од 700.000 евра.

На трето место со 1.224 вработени е ЈП Водовод и канализација Скопје, ЈП кое котира на должничката листа со милионски доспеани, а неплатени обврски, но и со генерирана загуба од скоро 1,1 милион евра во календарската 2021 година.

Со над 300 вработени се и Јавните комунални претпријатија : ЈКП Дервен- Велес, ЈКП Комуналец Прилеп, ЈКП Струмица, ЈКП Комуналец Кавадарци, ЈП Паркови и зеленило.

Јавните претпријатија често се коментираат како „јасли“ за згрижување на партиски кадри а оние со најголем број вработени во повеќе случаи покажуваат и најслаба ликвидност. Од АДКОМ подолг период бараат помош и логистика од Владата за да се премости енергетската криза кој резултира со драматично високи сметки – зголемени повеќекратно. Без помош од централната власт, менаџерите најавија дека ЈП ќе престанат со давање услуги за граѓаните, а вработените ќе бидат отпуштени од работа.

Извор Вистиномер

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани