Студиска посета на археолошките локалитети во државата

Студенти од Македонија и Грција од 12 до 22 септември ги посетија археолошките локалитети и културни добра во државава во рамките на студиската посета ,,Пристапи во управувањето и конзервацијата на културното наследство“ во организација на ИКОМОС Македонија, а со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.

Во рамките на програмата беа опфатени културни добра кои се конзервирани со финансиска помош од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство (AFCP) на Стејт Департментот на САД, со посебен фокус на конзерваторскиот проект кој се спроведува на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола а се одржаа и предавања од домашни експерти за заштита на културното наследство и членови на ИКОМОС Македонија.

Учесниците имаа прилика да научат повеќе за конзерваторскиот проект кој се одвива на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, да посведочат примери од македонската традиционална рурална архитектура во селото Маловиште и да чекорат по историската патека посветена на случувањата од Првата светска војна во НП Пелистер. За време на посетата на археолошкиот локалитет Стоби, учесниците имаа можност да слушнат за конзерваторските проекти кои се реализирале со помош на AFCP и да ги посетат работните простории за конзервација на мозаици, додека во Скопје имаа стручни тури во Археолошкиот музеј и во Старата скопска чаршија. Неделните активности завршија со посета на Шарената џамија и Уметничката галерија (амамот) во Тетово, обете конзервирани со финансиска помош од AFCP. Последните денови од студиската посета учесниците се восхитуваа на богатото културно и природно наследство во Охридскиот регион, а притоа имаа стручни посети на црквата Св.Богородица Перивлепта (конзервирана со помош од AFCP), Самуиловата тврдина, археолошкиот локалитет Плаошник и на Старото градско јадро на Охрид. Како последни теренски активности, учесниците ги посетија Заливот на коските, комплексот Св.Наум и средновековната црква Св. Илија во село Грнчари во Преспа, велат од ИКОМОС Македонија.

За време на студиската посета, учесниците имаа задача да подготват План за управување со посетители за археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и Патеки за интерпретација и презентација за локалитетот.

Студиската посета ,,Пристапи во управувањето и конзервацијата на културното наследство“ се реализираше и во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, НУ Стоби, Археолошкиот музеј во Скопје и НУ Конзерваторски центар – Скопје.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани