Владата го утврди Предлог-законот за прогласување на Студенчишко блато за заштитено подрачје

На денешната прес-конференција портпаролите информираа дека Владата откако го разгледа, го утврди Предлог-законот за прогласување на Студенчишко блато за заштитено подрачје – Парк на природата, кој ќе биде испратен во Собранието на натамошно одлучување.

Со донесување на овој Закон ќе се овозможи: зачувување на природната состојба на локалитетот преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност како и одржливо користење на природните ресурси.

Во зоната на строга заштита, која зафаќа 5,33 хектари или 8.85% од вкупната површина, ќе бидат забранети активности со кои се загрозува изворноста на природата и се нарушува природната рамнотежа. Дозволени ќе бидат само научно-истражувачки активности по претходно добиена дозвола.

Од Општина Охрид велат дека нацрт-законот е чекор напред кон зачувување на овој уникатен екосистем.

„Студенчишкото Блато мора да ја добие формата на заштита која ја заслужува не само поради препораките на УНЕСКО, туку и поради геолошките и биолошки вредности, пред сè поради присуството на живеалишта и видови од национално и европско значење. Општина Охрид како и до сега ќе ги преземе сите потребни мерки и ќе ги исполни сите задолженија кои произлегуваат од ова законско решение, кога истото ќе биде усвоено од страна на Собранието“, велат од Општината.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани