Во историското село Црвена Вода, одбележана годишнината од издавањето на Манифестот

Во историското село Црвена Вода, одбележана годишнината од издавањето на Манифестот до македонскиот народ, од 1943
Во историското село Црвена Вода, општина Дебрца, денеска, со пригодна свеченост и народен собир, одбележана е 79 годишнината од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, на овој ден, во 1943 година.

Овој документ, првиот печатен на македонски јазик, во тогашната партизанска печатница, по своето историско значење, е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него, а во ова село, извориште на современата македонска држава, е свикан Иницијативниот одбор на АСНОМ, избрани се делегатите и подготвени се одлуките, подоцна формално усвоени во “Прохор Пчински”.

-“Манифестот е многу значајна работа.Секако, дека и иднината ќе го истакнува тоа. Затоа што е межникот на државотворниот чин на Македонија”, запишал генерал Михајло Апостолски, тогашен командант на Главниот штаб.

На овој простор, во Црвена Вода, односно блиската Славеј Планина, исто така пред 79години, беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот “Мирче Ацев, во Сливово – Првата Македонска-Косовска ударна бригада, во селото Издеглавје, во 1944, година беше означена возобновата на Македонската Православна Црква, во ликот на Охридската Архиепископија.

Делегации на Боречката организација – продолжувачи на светлите традиции од Втората светска војна, на Организацијата на ветераните од одбраната и безбедноста и на општина Дебрца, положија цвеќе на Спомен обележјето, пред Спомен домот на НОВ и Револуцијата.

Во “Спомен собата” на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, се одржа историски час на кој говореше полковник Добре Вељаноски, прeтседател на Организацијата на ветераните за општините Охрид и Дебрца.

Присутните, ја искористија приликата да ја посетат и “Спомен собата” посветена на родоначалникот на литературата за деца и млади во Македонија, Ванчо Николески, по потекло од Црвена Вода.

За присутните, главно лица во подминати години, беше обезбеден краток одмор и закрепнување во СРЦ “Бела Каса”, над селото Црвена Вода, на 1.250 метри надморска височина високо во планината, каде сопствениците одгледуваат еколошки здрава храна.

На свеченостите не присуствуваа претставници од повисоките државните органи, како што беше пред 2 години, кога во селото допатува и говор одржа претседателот на СР Македонија, Стево Пендаровски.


Веле Митаноски

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани